Свечена Академија на УКЛО

05.12.2016

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола на 2.12.2016 година одржа свечена Академија по повод Патрониот ден. Со оваа централна манифестација УКЛО ги заокружи бројните настани и активности со коишто во текот на 2016 година го чествуваше големиот јубилеј - 1100 години од упокојувањето на патронот. Во својата инспиративна реч, ректорот проф д-р Сашо Коруновски зборуваше за универзалните, трајни вредности во животот на св. Климент како дел од светското цивилизациско наследство. Тој се осврна и на она што денес е препознатлив идентитет на УКЛО како и на предизвиците со кои Универзитетот ќе се соочува во својот иден развој.

Обраќање на Академијата имаше Претседателот на Република Македонија, НЕ проф. д-р Ѓорге Иванов. Зборувајќи со достојна почит и внимание за делото на  св. Климент тој направи една опсежна генеза за развојот на образованието, сместувајќи го, во тие пошироки рамки македонското образование и неговите потреби и прилагодувања кон барањата на третиот милениум.

Настанот што се одржа во Центарот за култура – Битола, беше збогатен со уметничка програма во изведба на актери од Народниот театар и концерт на Владимир Четкар, секстет.

Свечената Академија беше масовно посетена од видни гости – претставници од институциите од земјата и странство со кои УКЛО соработува, бројни академски кадри, студенти и граѓани од поширокото опкружување.

Завршните настани во чест на Патрониот ден на УКЛО ќе се одржат на 15 и 16 декември 2016 со промоција на доктори на науки и свечена седница на Универзитетскиот сенат.


Scroll to Top