Свечен почеток на академската година на УКЛО

18.09.2017

Првиот академски час на УКЛО во новата 2017/18 година се одржа на Факултетот за безбедност – Скопје, единица на УКЛО, во рамки на одбележување на јубилејот, 40 години од формирањето на Факултетот.

Централната свеченост по повод новиот академски почеток се одржа на 18 септември 2017 година, во амфитеатарот на Факултетот за безбедност. Покрај комплетното раководство на УКЛО, управата и вработените од Факултетот за безбедност, на свеченоста во чест на новата генерација студенти, присуствуваа и двајца министри во Владата на Република Македонија, за одбрана и за внатрешни работи, Радмила Шеќеринска и Оливер Спасовски.

Посакувајќи успешна академска година, ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски во пораката до студентите потсети дека тие започнуваат еден нов степен на едукација низ којшто ќе ги градат специфичните знаења, ќе се изградуваат како личности и ќе стекнуваат нови, интересни искуства, пријателства и контaкти што многу ќе им значат во животот.

Деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујовски се осврна на почетоците, но и значењето на Факултетот за безбедност којшто остварил и остварува значајни резултати во унапредувањето и развивањето на безбедносниот систем на Република Македонија.

Во рамки на свеченоста доделени се индексите на највисоко рангираните студенти при запишувањето, како и благодарници на поранешни декани, институции и поединци, меѓу кои и на  ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски.


Scroll to Top