НА УКЛО ОДРЖАНА ОДБРАНА НА ДВОЕН ДОКТОРАТ

20.10.2017

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола во соработка со Универзитетот Гент во Белгија, организираа јавна одбрана на двоен докторат на м-р Рената Петревска Нечкоска, асистент од Економскиот Факултет Прилеп. На свечениот чин пред комисија со меѓународен состав, Нечкоска  ја одбрани дисертацијата на тема: Збогатување на Sense-and-Respond Рамката за примена во тактички менаџмент со употреба на ИКТ. 

Научниот и истражувачки предизвик на д-р Рената Петревска Нечкоска е проблемот на тактичкиот менаџмент и неговата адаптабилност во услови на непредвидливост - и тоа како во менаџерска така и во смисла на менаџмент на информацискиот систем.

Таа во соработка со своите ментори, професори од двата универзитети, УКЛО И Гент,  преку вмрежување и со други научници и во консултација со г-нот Стефан Хаекел, поранешен директор за стратегиски студии и иновации во ИБМ од САД кој ја воведе менаџерската рамка Sense-and-Respond, го понудува методот ДЕНИЦА, којшто на тактичкиот менаџер му овозможува адаптабилност во ефективното остварување на целите. Методот е дизајниран низ повеќе итерации со менаџери во реалниот бизнис, од 4 компании од кои 2 во Белгија и 2 во Македонија, и веќе се користи и унапредува во компании во Западна Европа. Банкарското и практичното искуство на докторантката, испреплетено со научно-истражувачките активности на врвен светски универзитет, како и нејзината мултидисциплинарност како професионалец и сестрана личност, резултираа со успешно заокружување на еден посебен процес на двоен докторат.

Одбрана на двојниот докторат пред интернационалната комисија за оценка ги поврзува докторските студии, научните дисциплини и истражувачите и ја унапредува соработката меѓу универзитетите и државите.

УКЛО со  посебна гордост пристапува кон овој редок настан, дотолку повеќе што тој произлезе како резултат на престојот реализиран во рамките на ЕРАЗМУС МУНДУС програмата и проектот БАЗИЛЕУС каде нашиот универзитет беше учесник во  периодот од  2008-2017 година. Кандидатката аплицираше, беше селектирана и реализираше 6 месечна мобилност на докторски студии во Гент.

Одбараната на двојниот докторат или „cotutellе”, според популарниот францускиот наслов, се одржа на Економскиот факултет – Прилеп на  26.10.2017. Овој, по многу нешта единствен чин,  предизвика  должно внимание во академската, но  и во пошироката јавност.


Scroll to Top