Соработка УКЛО- Бар Илан, Израел

16.11.2017

Во рамките на престојот на академска делегација од Универзитетот Bar Ilan од Израел на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, како дел од Програмата ЕРАЗМУС +, беше реализирана и средба со ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски, на којашто стана збор за потенцијалните можности, посакуваните правци и проекти што би биле дел од една идна , попродлабочена соработка. Израелските гости, д-р Рахел Леви Друмер, проректор за наука од Универзитетот Бар Илан, д-р Шмуел Рефаел, раководител на Салти Институт за ладино, Проф. Јаел Алеф - Катедра за конзервација и д-р Илиа Родов од Катедрата за хебрејска уметност, во текот на нивниот престој, одржаа предавања од областа на културното наследство за студентите на Факултетот за туризам и угостителство.

Престојот  беше заокружен со  работилница  исто така на тема на културното наследство што во Ректоратот беше организирана за академски кадри, но и професионалци, како археолози, архитекти, историчари,  историчари на уметност, конзерватори и сл. Со тоа уште еднаш се афирмира отвореноста и посветеноста на УКЛО за зајакнување на релациите со надворешниот контекст.

Средбата со ректорот и активностите во Ректоратот се реализираа на 15 ноември, а целокупниот престој претставува резултат на успешна проектна апликација поддржана со европски фондови во рамките на Клучната акција 107 во програмата Еразмус+ - соработка помеѓу програмски и партнерски земји.


Scroll to Top