Позитивни УКЛО искуства - Бенефитите од успешната пракса за поквалитетни и поуспешни студии

17.07.2018

„Образование без пракса, создава нефункционални кадри” e тема за која од ден на ден се повеќе стануваат свесни  универзитетите и самите студенти од една, но и бизнис заедницата во нашата држава од друга страна.  Бизнисмените бараат да вработуваат кадри со практично искуство кое за жал секој од нас по своето академско завршување го нема. Затоа, сметам дека праксата во наставните програми на универзитетите треба да се вклучи со поголем број на часови со што идните работници би можеле лесно да се вклопат на работните места уште од првиот ден. Затоа, мојата препорака до соодветните институции, е да се следи примерот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола преку работата на Центарот за Развој на Кариера, Алумни и Доживотно Учење (КРЕДО ЦЕНТАРОТ) во воспоставувањето на соработката со деловниот свет и институциите а во насока на зголемување на понудата и можностите за студентите.

Го имав тоа задоволство, како студент на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, кој на ова поле полага големо внимание преку Центарот за Развој на Кариера, Алумни и Доживотно Учење (КРЕДО ЦЕНТАРОТ) да се пријавам на повикот за стипендирање на студенти од Компанијата Кромберг и Шуберт Македонија ДООЕЛ Битола, објавен на веб страната на КРЕДО центарот, и таа среќа да бидам дел од студентите кои добија стипендија.

Како стипендист на компанијата Кромберг & Шуберт  Македонија дооел битола, имав можност да обавам пракса во компанијата во траење од 30 дена. Главна цел на компанијата е да им се помогне на студентите кои воедно и ги стипендира да се стекнат со практично работно искуство во текот на своите студии и да се вклучат во секојдневното работење на компанијата како додадена вредност, односно дополнителна помош при реализацијата на активностите на различните области, за што сум им навистина многу благодарна.

Во време на траење на праксата имав можност да се запознам со целиот процес на производство. Исто така имав шанса да научам за работните процеси за оптимизација, случна програма на AutoCAD, 3D program – AutoDesk Inventor заедно со работа на 3D printer,  процес на оптимизација на времето на работните места.

Самата пракса како процес на запознавање на еден целокупен систем на производсво е само еден од многуте бенефити со кои ние студентите се стекнуваме при нејзина реализација. Низ самата пракса нашата личност ја збогатуваме и со други карактеристики како:

- Ориентираност кон успех 
- Ориентираност кон тимот 
- Ориентираност кон корисниците 
- Само-мотивираност 
- Само-дисциплина и ригорозност 
-Превземање на одговорност 

Кога на погоре наведените карактеристики, ќе го додадеме и нашето универзитетско знаење, стекнато во студенските клупи, сигурна сум дека ќе бидеме целосно подготвени да стартуваме со работа во некоја компанија од првиот ден по нашето дипломирање.

На крај, би сакала да се заблагодарам уште еднаш на тимот во Центарот за Развој на Кариера, Алумни и Доживотно Учење (КРЕДО ЦЕНТАРОТ) и Универзитетот„Св. Климент Охридски“-Битола за напорите кои ги прават за воспоставување на соработки со вакви реномирани компании кои препознавајќи ја улогата на соработката помеѓу Универизтетот и бизнис секторот се вклучуваат во активности кои во голема мера го прават нашето студирање поквалитетно и практички поприменливо. Голема благодарност и до компанијата домаќин, за дадената можност мојата прва пракса да ја реализирам токму кај нив. За мене тоа беше едно навистина големо и значајно искуство.

И, уште еднаш да упатам апел до сите студенти на нашиот универзитет, да ги следат активностите што ги нуди  КРЕДО ЦЕНТАРОТ, и активно да партиципираат во се она што се  нуди како можности на нивната веб страна.

Анастасија Крстевска, 
Студент во втора година на Технички факултет-Битола


Scroll to Top