Предизвикот да се освои Монт Еверест - презентација на др. Сашко Кедев

15.12.2009

На 15.12.2009 год. студентите на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола имаа можност да присуствуваат на презентацијата на др. Сашко Кедев - третиот Mакедонец кој го освои највисокиот врв на светот Монт Еверест. На видеопрезентацијата којашто се одржа во просториите на Педагошкиот факултет, др. Кедев говореше за неговиот извонреден успех и големината на духот што човек мора да ја поседува за да го освои врвот на светот. Преку слика и говор, тој го пренесе своето искуство во задачата да се избори со себе и да стигне таму кадешто пред него стигнале само двајца Mакедонци: Димитар Илиевски-Мурато и Глигор Делев.

Настанот што имаше интерактивен карактер, предизвика голем интерес кај присутните. Студентите имаа можност да поставуваат прашања за предизвикот да се освои Монт Еверест а воедно и прилика да добијат одговор од човекот кој го освои врвот на светот.

По освојувањето на највисоките врвови на Европа, Африка, Јужна и Северна Америка, др. Кедев го дели само освојувањето на највисоката точка на Австралија и Антарктикот од освојување на сите највисоки врвови на седумте континенти.

Пред почетокот на презентацијата др. Кедев го посети ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“, проф. д-р Златко Жоглев кој му искажа посебно задоволство од неговото присуство на Универзитетот.

Scroll to Top