ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ТУРСКАТА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ ВО ПОСЕТА НА УКЛО

25.03.2011

Во рамките на посетата на МАНУ, Претседателот на Турската Академија на науките (ТУБА), проф.д-р Јуџел КАНПОЛАТ, одвои време за посета на Битола и Универзитетот „Св. Климент Охридски“. Во оваа прилика, високиот гостин од Турција беше примен од ректорот, проф. д-р Златко Жоглев којшто, заедно со проректорката, проф. д-р Јованка Тутеска и соработниците имаше извонредно пријатна едночасовна средба.

Станува збор за еден од врвните светски неурохирурзи, професор емеритус на Универзитетот во Анкара, автор на огромен број прилози во референтни научни списанија  и еден од светските пионери во областа на неурохируршкиот третман на болката.

Во оваа прилика, за студентите и професорите на Високата медицинска школа , академикот Канполат одржа многу интересно предавање коешто беше проследено и од голем број лекарски кадри од Клиничката болница во Битола.

Проф. Канполат го искористи престојот и за посета на Битола којашто со Република Турција ја поврзуваат многу моменти од заедничкото минато   и денеска  преточени во  извонредни пријателски врски.


Scroll to Top