Голем успех за УКЛО на 5 - то Европско Универзитетско првенство во карате - Сараево 2011

26.08.2011

Во Ректоратот на УКЛО одржана е средба со тимот натпреварувачи, учесници на 5-то Евроспко Универзитетско првенство во карате по освоеното второ место.

На Ректорот, проф. д-р Златко Жоглев му беше врачен сребрениот пехар, по успехот остварен во конкуренција на 78 Универзитети од 23 земји.

Од 21 до 25 јули оваа година во организација на Европската Универзитетска Спортска Федерација се одржа 5 то по ред Универзитетско Европско првенство во карате во Сараево.Тимот составен од студентките: Верица Трајкоска, Зорица Спиркоска и Сања Николиќ, предводени од тренерите Елизабета и Златко Димоски, го освои одличното второ место во женска конкуренција екипно. Покрај нив од нашиот Универзитет настапи уште и студентот Борче Петкоски во дисциплината борби во машка конкуренција.

 Селекцијата на УКЛО во полуфиналните натпревари беше подобра од универзитетската екипа на Турција, додека во финалето беше поразена од Универзитетот во Црна Гора. Овој успех на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ - Битола е особено значаен бидејќи претставува највисоко достигнување на меѓународно ниво.

Постигнатите резултати се добра основа за престојното Светското првенство во Братислава коешто ќе се одржи наредната година. Универзитетот „Св.Климент Охридски“ - Битола очекува карате селекција да го продолжи својот успешен пат.

Scroll to Top