Отпочнаа со работа МБА студиите на Френклин универзитетот од Охајо, САД

20.02.2012

По повод отпочнувањето со работа на МБА студиите за бизнис администрација од Франклин универзитетот во Република Македонија,  на првата генерација постдипломци покрај ректорот, проф. д-р Златко Жоглев среќен почеток во студиите им посакаа министерот за образование и наука Панче Кралев и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Ресорниот министер Кралев во честитките до УКЛО којшто е партнер во реализацијата на студиите, укажа на потребата и другите високообразовни установи во државата да го следат примерот за јакнење на професионалните вештини и стекнување повисоки квалификации.

Ректорот, проф. д-р Златко Жоглев истакна дека студентите на МБА студиите за бизнис администрација имаат можности да стекнат нови теоретски и практични знаења неопходни за раководење и развој на бизнис секторот благодарение на професорите од УКЛО и од Фрaнклин универзитетот.

На пригодна свеченост беа доделени стипендии за магистрантите од Владата на Република Македонија и од двата универзитети Фрaнклин и УКЛО, со што им  се дава силна поддршка на студентите на МБА студиите по бизнис администрација.

Станува збор за МБА студии од Фрaнклин универзитетот кои за прв пат се отвораат во Република Македонија.

Scroll to Top