УКЛО придружен партнер во проектот ИМПЛЕМЕНТ

31.05.2012

Со потпишувањето на Писмото за поддршка на проектот ИМПЛЕМЕНТ од страна на ректорот, проф. д-р Златко Жоглев, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола стана придружен партнер во оваа значајна проектна иницијатива којашто директно го тангира континуираното учење.

Претставниците на УКЛО, на Конференцијата на ЕУЦЕН што се одржа на Универзитетот Карл Францен во Грац, Австрија, од 09 до 11 мај, 2012 година ја искористија можноста нашиот Универзитет да стане придружен партнер во проектот ИМПЛЕМЕНТ. Координатор на проектот е престижната мрежа на Европски универзитети за континуирано учење ЕУЦЕН, а полноправни партнери се Универзитетот Карл Францен од Грац, Австрија, Универзитетот Блез Паскал од Клермон-Феран, Франција, Јоханес Гутенберг Универзитетот од Мајнц, Германија, Националниот центар за знаење и валидација на претходно образование од Виби, Данска, Универзитетот во Талин, Естонија, Универзитетскиот колеџ во Лондон, Велика Британија, ИЛ3 Универзитетот од Барцелона, Шпанија, Универзитетот од Мињо, Португалија, Универзитетот од Женева, Швајцарија, Универзитетот од Малта и Организацијата за доживотно учење Биби Румбелоу од Лестер, Велика Британија.

Основната цел на проектот ИМПЛЕМЕНТ како продолжение на претходно успешно завршениот проект BeFlex Plus, е реториката, кога станува збор за доживотното учење, да стане пракса. Ваквата заложба, всушност, се поклопува со приоритетите на Европската политика наменети за сите високообразовни институции и субјекти засегнати од функционирањето на континуираното образование и неговото препознавање и признавање. Така, ИМПЛЕМЕНТ проектот настојува да им даде поддршка на универзитетите да станат високообразовни институции што нудат квалитетни програми во сферата на доживотното учење.

Scroll to Top