НАСТАН ВО ЧЕСТ НА ВЛАДИМИР КОСТОВ И НЕГОВИОТ 80 РОДЕНДЕН

21.09.2012

Почитувачите на ликот и делото на писателот  Владимир Костов одадоа пригодно признание на неговото творештво и 80-от роденден. На настанот, организиран од универзитетскиот литературен клуб „Дениција“ што се одржа на 21 септември 2012 година, во просториите на Универзитетот, зграда на поранешна Касарна, свое обраќање имаше ректорот, прф. д-р Златко Жоглев.

Заблагодарувајќи се на присутниот аудиториум, меѓу кои претставници од семејството на Костов, Друштвото на писателите на Македонија, Битолскиот книжевен круг, Научното друштво и од академската јавност, низ 80 пригодни реченици како своевидна симболика за годините живот на великанот на краткиот расказ Владимир Костов, Ректорот се осврна на повеќе јубилеи од неговото творештво и квалитетот создаван низ неговата филозофска, животна и  исклучителна човечка топлина. 

Во рамките на пригодната манифестација по повод одбележувањето на 80-от роденден на раскажувачот и прозаист Владимир Костов,  сеќавања  за настани поврзани со животот и творештвото на славеникот, оживеа професорот во пензија Александар Стерјовски, по што, низ колажна, говорно – музичка програма беа интерпретирани извадоци од книжевниот опус на авторот.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола статусот на заслужен деец од областа на литературното творештво на писателот Владимир Костов му го довери со доделувањето титула почесен доктор на науки и востановувањето на Конкурсот за краток расказ што го носи неговото име, истакнувајќи ја притоа и грижата за унапредување на книжевениот и културен живот што се остварува на УКЛО.

Scroll to Top