Свеченост за првите дипломци од Правниот факултет - Кичево

13.12.2012

На пригодна свеченост доделени се дипломите на Првата генерација завршени студенти на Правниот факултет – Кичево, единица на УКЛО. Честитки за успешно завршените студии до дипломците упатија министерот за образование и наука, Панче Кралев  и  ректорот на УКЛО, проф. д-р Златко Жоглев, кои во знак на внимание, доделија дипломи на завршени студенти и пет парични награди за најдобрите.

Министерот за образование и наука, Панче Кралев истакна дека Правниот факултет со седиште во Кичево е формиран со одлука на Владата на Република Македонија  во 2008 година, кога е запишана првата генерација студенти и тоа: 143 студенти во Кичево и 111 студенти на дисперзираните студии во Битола. Во наредната година во рамките на факултетот се отворени и дисперзирани студии во Струга, а во учебната 2012/2013 година, Правниот факултет - Кичево започна со втор циклус студии по Деловно и Mеѓународно право на кои се запишани вкупно 57 постдипломци.

Започнувањето со работа на Правниот факултет - Кичево е логичен след на порастот на потребата од високообразовани правници кои аргументирано, со објективен приод ќе придонесат за подобрување на општите услови на локален, регионален и национален план, истакна ректорот, проф. д-р Златко Жоглев,  потсетувајќи дека факултетот нуди студиски програми по правни студии коишто се значително интересни за секој млад човек.

Деканот, проф. д-р Илија Тодоровски нагласи дека во историјатот на факултетот ќе бидат вклучени и 66-те дипломци, како Првата генерација завршени студенти на Правниот факултет – Кичево.


Scroll to Top