Посета на француската амбасадорка на УКЛО

26.02.2013

Новоименуваната француска амбасадорка НЕ г-ѓата Лоранс ОЕР за своја прва дестинација надвор од Скопје ја одбра Битола, а за  прва посета Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола. На 25.02.2013 година, придружувана од Директорот на Францускиот Институт г-динот Лавуар, беше примена од ректорот проф. д-р Златко Жоглев, проректорите  и неговите соработници.

Во пријатната едночасовна средба во Ректоратот на УКЛО, амбасадорката, од страна на ректорот,  беше информирана за досегашната соработка со француските универзитети, а дополнително заеднички се договорија за перспективните нови форми што може да им се дадат на традиционално добрите релации – учество во заеднички проекти, организирање научни собири, конференции, поканување на визитинг професори, гостувачки предавања, поголема  мобилизација за учество во програмите за размена на студенти и кадри.

Ректорот Жоглев во оваа прилика  се осврна на повеќегодишната успешна соработка со Универзитетот во Ница, Софија Антиполис во рамките на проектот DOCSMES и ја запозна и со  неколкуте идни иницијативи што престојат на овој план.

Амбасадорката уште еднаш ја потврди својата лична , но и поддршката од страна на Француската Амбасада и  соодветните служби   во функција на успешна соработка со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Scroll to Top