УТВРДЕНИ КОНКУРСИТЕ ЗА ВТОР И ТРЕТ ЦИКЛУС СТУДИИ

05.07.2013

Ректорската управа на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ - Битола, на 164 седница, одржана на 3 јули 2013 година, ги утврди Конкурсите за упис на втор циклус на студии (магистерски и специјалистички) и трет циклус (докторски) студии.

Идните магистранти имаат можност за избор во широката лепеза од 68 универзитетски студиски програми и 16 специјалистички, со вкупно 1713 места, а   дополнителна мотивација е што на секоја студиска програма, 5 проценти од најдобро рангираните запишани студенти ќе бидат ослободени од плаќање на кофинансирањето.

Квалитетот на студиските програми се темели на традицијата на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ - Битола и искуството на наставниот кадар изградени во изминатите 34 години, на кои се надоврзуваат следењето на современите европски и светски стандарди во високообразовниот процес.

За докторските студии УКЛО нуди 127 места на 17 актуелни и атрактивни студиски програми адаптирани на барањата на новото време, во услови кога институциите и компаниите имаат се поизразена потреба од креативни, едуцирани кадри што ќе  се вклучат во современите општествени процеси. УКЛО во новата академска 2013/2014 година, докторски студии организира на Техничкиот факултет, Факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи и Педагошки факултет, сите во Битола, на Факултетот за безбедност - Скопје, на Економскиот факултет во Прилеп и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

Уписната кампања на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола за трите циклуси на студирање стратува на 15-ти август 2013 година и ќе се реализира во три уписни рока.


Scroll to Top