Објавени конкурсите за трите циклуси студии на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола

22.07.2013

Универзитетот „Св. Климент Охридски" - Битола во пресрет на новата уписна кампања отвори нови и ги осовремени постоечките студиски програми, пристапи кон нивно редизајнирање и реструктуирање, по што ги објави Конкурсите за прв, втор и  трет циклус на студии.

На додипломски студии на УКЛО според Конкурсот, може да се запишат 4160 студенти од кои  2520 редовни, 1110 со кофинансирање и 530 вонредни.

На првиот циклус академски студии УКЛО нуди седум нови студиски програми: Сообраќајно-транспортна телематика  и Сообраќајно-транспортни системи и технологии на Техничкиот факултет; Иновациски и проектен менаџмент на Економскиот факултет; студиската програма Менаџмент во услужен сектор на Факултетот за туризам и угостителство; Квалитет и безбедност на храна на Биотехничкиот факултет; како и студиските програми Безбедност  и Криминологија и криминална политика  на Факултетот за безбедност

Во духот на обезбедувањето и стимулирањето на потребниот квалитет на секоја единица на УКЛО најдобро рангираниот студент се ослободува од плаќање на трошоците за студирање (што всушност претставува стипендија). Во новата академска 2013/2014 година на УКЛО продолжува Проектот на Владата на Република Македонија 35/45, за стекнување на високо образование за возрасни и оваа дополнителна можност ќе се остварува со 80 места, на две единици: Техничкиот факултет и Високата медицинска школа.

За идните магистранти, заедно со новите студиски програми, УКЛО нуди 68 универзитетски студии, а исто така нуди и 16 специјалистички, со вкупно 1713 места, при што, пет проценти од најдобро рангираните запишани студенти ќе бидат ослободени од плаќање на кофинансирањето. Парелелно со овие активности распишан е и Конкурсот за атрактивните МБА студии кои Франклин Универзитетот од Охајо, САД ги остварува со УКЛО.

Во новата академска година за докторските студии, Универзитетот „Св.Климент Охридски" - Битола нуди 127 места на 17 актуелни  студиски програми адаптирани на барањата на новото време. УКЛО ја нуди можноста за студирање на англиски јазик на одредени стидиски програми во сите три циклуси на студирање.

Уписната кампања на Универзитетот „Св.Климент Охридски" - Битола за трите циклуси на студирање стартува на 15 август 2013 година и ќе се реализира во три уписни рока.

Scroll to Top