Честитки од УКЛО за големиот успех на каратистите

26.08.2013

Екипата на УКЛО којашто на шестото Европско Универзитетско првенство во карате освои златен и сребрен медал, оствари средба со раководните лица на Универзитетот.

Ректорот, проф. д-р Златко Жоглев нагласи дека ова е историски успех, не само за ката тимот од пет каратисти - студенти на УКЛО и двајцата тренери, туку и успех за македонското студентско карате како највисоко меѓународно достигнување на спортски план.

На Европското првенство во Будимпешта, Унгарија, во категориите кати и борби, учествуваа 127 Универзитети од 27 земји во Европа. Универзитетот „Св.Климент Охридски" - Битола го претставуваа каратистите: Поликсенија Јованоска, Зорица Спиркоска, Верица Трајкоска, Даниел Петкоски и Борче Петкоски, со стручна поддршка од тренерите Елизабета и Златко Димоски.

Во категоријата кати поединечно во женска конкуренција, Поликсенија Јованоска го освои второто место, додека во категоријата ката екипно во женска конкуренција, ката тимот на УКЛО  се закити со златен медал.

Приемот организиран за каратистите е уште една потврда на заложбата на УКЛО да продолжи да го стимулира и поддржува студентскиот спорт.

Scroll to Top