Продолжен договорот за соработка со софискиот универзитет

16.09.2014

Во Ректоратот на УКЛО, на 16.09.2014 година, ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ - Битола проф д-р Златко Жоглев со неговиот колега од Софискиот универзитет „Св.Климент Охридски“ - Софија, проф. д-р Иван Илчев, потпишаа Договор за соработка.

Во духот на академската соработка, со посебен акцент на регионалната соработка,  продолжениот Договор за соработка отвора можности во повеќе сектори меѓу кои: организирање на заеднички истражувачки проекти, научни конференции и пред се  мобилности на кадарот и студентите.

На средбата стана збор за поведување инцијатива за издавање заеднично научно списание како дел од активностите на  новоформираната Асоцијација на универзитетите од Балканот.

Воедно, ректорот Илчев ја презентира својата иницијатива за упатување званична покана за учество и работа нa кадри и професори од УКЛО од областа на биологијата, метеорологијата и геологијата, за учество и работа во истражувачката станица во Антарктикот којашто дејствува во рамките на универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Софија.

Двајцата ректори се согласни дека со Договорот се отвораат и дополнителни можности за соработка и партнерски односи и помеѓу одделните единици на двата универзитета.


Scroll to Top