По повод денот на ОН - УКЛО ќе чува временска капсула

24.10.2014

На пригодна свеченост што се одржа на 24.10.2014 година, по повод Денот на ОН и одржаната Конференција на тема „Во каков свет сакаме да живееме“, на УКЛО му е предадена на чување временска капсула изработена од студенти од архитектонскиот факултет во Скопје.

Во неа студентите ги оставија своите пораки и писма што ќе  се отворат во 2030 година.

По овој повод,  постојаниот претставник на ОН во Македонија,  Лујза Винтон ја пренесе пораката на ОН, при што  ги повика сите луѓе, особено младите да го кажат својот збор за светот што го сакаат во 2030 година.

На настанот, од името на Универзитетот, проректорот, проф. д-р Јованка Тутеска истакна дека УКЛО е прв чувар на временската капсула и тоа е особена чест како за Универзитетот така и за студентите. Таа нагласи дека студентите со своите видувања, идеи и иницијативност, преку оваа активност, стануваат дел од историската меморија за Македонија и светот воопшто. Проректорот, проф. д-р Јованка Тутеска изрази уверување дека по 15 години, светот ќе биде едно посреќно семејство, не само на обединети, туку и на среќни нации.

Временската капсула има форма на октаедар со димензии од 1м и 70 см.  и врз неа, по симболичното затворање е посадено маслиново гранче. Временската капсула до 2030 година ќе се чува во Ректоратот на УКЛO.


Scroll to Top