Достоинствено чествување за Патрониот ден и 35 годишниот јубилеј на УКЛО

06.12.2014

Во рамките на одбележувањето на 8 Декември, Патрониот празник на УКЛО и 35 годишнината од основањето, на 05.12.2014 година, се одржаа пригодни свечености за достоинствено чествување.

На свечената седница на Сенатот, во присуство на академски делегации од земјата и од странство, личности од јавниот и политичкиот живот во Република Македонија, меѓу кои заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, поздравна реч одржа ректорот, проф. д-р Златко Жоглев.

Тој се осврна на богатата едукативна дејност на УКЛО, континуираниот развој и неговиот придонес во високото образование и науката во Република Македонија.

На настанот,со одлука на Универзитетскиот сенат, на ректорот од Универзитетот во Белград,  Академик Владимир Бумбаширевиќ и на професорот емеритус од Универзитетот во Ниш, Љубиша Митровиќ,  им се доделени високи академски звања -  почесени професори, со што свеченоста доби посебно значење.

Традиционално, се доделени  и награди за најдобро дипломираните студенти и за најдобрите остварувања на Конкурсот за истражувачки труд и есеј.

По повод 35 годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на поединци и институции им се доделени плакети за поддршката на Универзитетот.

Чествувањето на Патронот и јубилејот е заокружено со свечена Академија, на која покрај бројните гости и студенти, присуствуваше и Претседателот на Република Македонија, Н.Е Ѓорге Иванов кому му е доделена плакета во знак на благодарност за поддршката и придонесот во развојот на Универзитетот.

Достоинственото одбележување беше збогатено со уметничка програма посветена на светителот Климент и настап на музичкиот етно состав Синтезис.

Во рамките на чествувањето на Патрониот ден на УКЛО и значајниот јубилеј, положено е цвеќе пред споменикот на Св. Климент, во Ректоратот на Универзитетот.


Scroll to Top