Меѓународна конференција и состанок во рамки на проектот TERRA MED

31.08.2016

На 30 август 2016 година во просториите на Хотелот Милениум во Битола беше одржана меѓународна конференција во рамки на проектот од ИПА Програмата - „Проценка на деградација на почвата и рехабилитациони стратегии за планирање на одржливо искористување на земјиштето“ - TERRA MED.

На настанот организиран од страна на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ и Факултетот за биотехнички науки – Битола, покрај членовите на проектниот тим од нашата земја, учествуваа и претставници на останатите проектни партнери од Универзитетот Аристотел во Солун и Регионот на Централна Македонија. Најпрво, присутните ги поздрави проректорот за наука на УКЛО проф. д-р Елизабета Бахтовска, која се осврна на континуираното учество на Универзитетот во меѓународни проекти финансирани од страна на ЕУ, во чиишто рамки припаѓаат и проектите од ИПА програмата за прекугранична соработка. Покрај неа, свое воведно обраќање имаше и проф. д-р Љупче Кочоски, декан на Факултетот за биотехнички науки кој ја потенцира важноста на проектните резултати и можноста за Факултетот да се стави во служба на заедницата преку заштита на животната средина.

Присутните имаа прилика да слушнат повеќе информации поврзани со проектните резултати презентирани од страна на м-р Иван Кунгуловски – проектен координатор, проф. д-р Трајче Стафилов – екстерен научен експерт, доц. д-р Мила Арапческа – член на проектниот тим, Јулијана Димзова – претставник на Фармахем-Скопје, како и претставници на проектните партнери од Грција кои се осврнаа на следните конкретни чекори поврзани со заштитата на животната средина.

Во рамки на настанот беше одржан и трет состанок на проектните партнери на којшто беа договорени заедничките проектни активности.

 


Scroll to Top