Грчкиот конзул, г-динот Ракинас, на средба со ректорот Коруновски

10.12.2019

Во Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на 10 декември 2019 година, ректорот Коруновски беше домаќин на средбата со грчкиот конзул со седиште во Битола, господинот Ахиле Ракинас. Оваа пријатна едночасовна средба беше можност конзулот да се запознае со структурата на Универзитетот, приоритетите во неговиот развој, како и со областите во коишто може заеднички да се делува за подобрување на соработката со високообразовни партнерски институции од соседна Грција, со особен акцент на регионалната односно прекуграничната соработка.

Соговорниците се сложија дека близината на двете земји, некои веќе воспоставени академски и други контакти, а особено добрите примери и практики од претходни, но и актуелни програми за погранична соработка финансирани од европските ИПА и БАЛКАН МЕД програми претставуваат добра база за развивање на соработката. Дополнително, во иднина, особено ќе се делува на сите форми на соработка коишто значат бенефит за младите, студентите, за нивно приближување и споделување заеднички вредности.

Грчкиот конзул, господинот Ракинас го понуди своето вклучување за сензибилизирање на грчки партнери-високообразовни и други сродни институции и ја прифати поканата од ректорот Коруновски за одржување на предавање пред студентите на УКЛО.


Scroll to Top