Прв вебинар посветен на безбедносните предизвици во Регионот

18.05.2020

„Регионалните безбедносни предизвици и новите државни актери за време и по кризата од пандемијата“  е темата на првиот  од неколкуте вебинари што се проект на УКЛО и Факултетот за безбедност, во заедничка  организација со Фондацијата „Конрад Аденауер“ . Активноста е во насока на сензибилизирање на експертската јавност како и носителите на одлуки од областа на безбедноста, при што ќе бидат опфатени искуства и препораки од три земји во Регионот: Република Северна Македонија, Република Бугарија и Република Србија.

Во првиот вебинар се поврзаа учесници од Берлин, Скопје, Софија и Белград и во дискусијата, покрај министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев,  активно партиципираа и: Норберт Бекман, в.д. директор на Фондацијата „Конрад Аденауер “ во РСМ, проф. д-р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност - Скопје , проф. д-р Марјан Ѓуровски, проректор на УКЛО и професорите: Татјана Дронзина, од Бугарија и м-р Стефан Сурлиќ од Србија. Нивните осврти се однесуваа на  поставеноста на државите од Регионот  во справувањето со пандемијата од аспект на безбедносните предизвици.

За исклучително интересната тема, проректорот на УКЛО, проф. д-р Марјан Ѓуровски, во својство на иницијатор и модератор, истакна дека се разговараше за ист, заеднички предизвик, односно за мерките, политиките и воопшто начинот на справување на овие земји од регионот со глобалната пандемија.

Норберт Бекман, в.д. Директор на Фондацијата „Конрад Аденауер„  ја поддржа политиката за размената на мислења  и отворање дискусии околу развојот на идните формати за справување со пандемијата,  но и со слични кризни состојби.

Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски  истакна дека истражувачкиот тим  од Факултетот ја следи работата и активноста на безбедносните институции и по завршување на пандемијата ќе изработи Извештај од којшто ќе може да се преземаат заклучоци за тоа како во иднина да постапуваме. Од досегашниот скрининг тој посочи дека генерално, институциите во државата, од безбедносен аспект, добро се справуваат со кризата.

Првиот човек на носечкиот столб во безбедносниот систем, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ги посочи главните задачи на полициските службеници во услови на едно непознато, ново искуство во работата.И во непредвидените предизвици во работењето, Министерството за внатрешни работи ја одржува својата основна улога за обезбедување на јавниот ред и мир, но смета дека од суштинско значење е правната регулација на вонредна состојба. Во рамките на интерактивната дискусија тој одговараше  и на прашања од студентите.

 

Во  размената на искуства за политиките  и начинот на справување со пандемијата, професорите од Бугарија и Србија: Татјана Дронзина и Стефан Сурлиќ ги претставија генерално,  сличните и/ или помалку сличните начини  и мерки за справување со кризата. Тие се осврнаа и кон феноменот на секуритизација во услови кога лажните вести поврзани со здравствената криза може да прераснат во безбедносни закани и какотакви ќе најдат свое место во компаративната анализа што ќе се објави во посебна публикација по зазвршувањето на проектот. 

Во констатациите поврзани со вебинарот посветен на „Регионалните безбедносни  предизвици и новите државни актери за време и по кризата од пандемијата“ се оценува дека е особено значајно што се разговараше и за вонредната состојба како актуелно прашање.

 Проректорот Марјан Ѓуровски оцени дека е анализата на заедничките елементи од земјите во Регионот е нужна акцентирајќи го притоа главниот заклучок од првиот вебинар односно дека нема место за политика кога ќе се издаде наредба или одлука што се однесува на  безбедносниот систем   во вонредна или кризна состојба.


Scroll to Top