ПОЧНА АКАДЕМСКАТА ГОДИНА НА УКЛО

01.10.2020

Почетокот на новата академска година пригодно е означен на сите единици на УКЛО, а централното одбележување се одржа на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски присуствуваше на првиот академски час што се одржа во еден исклучителен и несекојдневен амбиент, во дворот на црквата Св. Софија. Во својата порака упатена  до сите 1100 нови студенти, тој истакна дека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со сета свесност и одговорност за  новото „нормално“ време што сите го живееме и силно чувствуваме, останува посветен на своите студенти и вложува максимални напори  за да понуди соодветни алтернативи и повеќе модалитети за непречено одвивање на процесот на учење. „Денес, знаењето, повеќе од кога било, е императив и најважен ресурс којшто светот го дели на богати и сиромашни, на развиени и неразвиени. А нашиот подмладок, студентите се на онаа возраст кога треба интензивно да стекнуваат знаење и вештини и така да бидат авангардниот дел што го движи нашето општество и светот воопшто.“

Изборот за одржување на централниот настан на ФТУ, не е ни малку случаен. Духовната и традициска поврзаност со првиот Словенски универзитет, годинава е надополнета со одбележувањето на јубилејните педесет години од постоењето на ФТУ.

Во амбиент на отворено, срдечно добредојде за новата генерација студенти се одржа и на Факултетот за безбедност – Скопје, настан на кој присуствуваше и министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска.

Денес  Универзитетите и самото општество, државните институции покрај справувањето со пандемијата, според Проректорот на УКЛО проф.д-р Марјан Ѓуровски, се исправени пред предизвикот- наместо умови, надвор да извезуваме успешни приказни,

„Имаме обврска да го запреме процесот, оваа, идните генерации, својата иднина исклучиво да ја гледаат надвор од границите на оваа држава“, истакна проректорот Ѓуровски во своето обраќање на првиот академски час на Факултетот за безбедност - Скопје.

Претходно, ректорот Коруновски и претставници од раководството на УКЛО на  дисперзираните студии од Правниот факултет во Битола, заедно со деканот проф. д-р Горан Илиќ, направија обиколка на  комплетно реновираните простории.

Инаку, УКЛО пред почеток на академската година изработи Стратегија за реализација на наставно-образовниот процес во услови на пандемија на коронавирус за академската 2020/2021, документ што нуди разработени концепти во функција на опциите за реализација на наставно-образовниот процес, сообразени на спецификите на одделните високообразовни институции. Покрај Стратегијата, УКЛО усвои и Кодекс за комуникација при учење на далечина, со почитување на академските слободи, права и обврски.


Scroll to Top