Проф. д-р Ангелина Станојоска – добитник на Фулбрајт грант во рамките на програмата Fulbright Visiting Scholar

15.02.2021

Проф. д-р Ангелина Станојоска, од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола е добитник на Фулбрајт грант во рамките на Fulbright Visiting Scholar програмата за академската 2020/2021 година. Д-р Станојоска ќе престојува пет месеци на Одделот за криминологија и кривична правда на Универзитетот во Мизури-Сент Луис, почнувајќи од март, 2021 година.

Нејзин предмет на интерес се криминолошките теории, пред сé теориите на напнатост, односно генералната теорија на напнатост на Роберт Агњу тестирана на различни видови примероци. Во 2019 година, оваа теорија д-р Станојоска ја тестираше на примерок на жени затворенички и трудот кој произлезе од тоа истражување беше награден од Канцеларијата за дрога и криминал на ООН (UNODC) и Меѓународното здружение за криминологија (ISC). Истражувањето на кое ќе работи за време на нејзиниот постдокторски престој во координација со професорката Ли Ен Слокум ќе биде компаративно тестирање на генералната теорија на напнатост на примерок на млади луѓе од САД и РСМ во однос на поврзаноста на напнатоста, негативните емоции и употребата на законски дозволени и недозволени супстанции (и појава на одреден тип општествено неприфатливо однесување).

Добивањето на овој грант за проф. Станојоска, како дел од академската заедница на УКЛО значи потврда за досегашната успешната дејност, но и поттик за продолжување на научната и истражувачка работа во иднина.


Scroll to Top