Успешен онлајн настан на УКЛО „Мојата успешна приказна“

15.04.2021

Во рамки на проектот „Мојата успешна приказна“ што го реализира Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при УКЛО на 14.04.2021 г. за студентите и академската заедница на УКЛО се одржа онлајн средба со г-нот Виктор Мизо, генерален менаџер на KOSTAL Охрид.

 Покрај за кариерниот и професионален  развој, Мизо ја претстави  компанијата што ја раководи и го потенцира значењето на студентската пракса како нужно дополнување на теоретските знаења и можност, тоа искуство да се имплементира во компаниите.

Во рамки на презентацијата предочени се можностите студенти од УКЛО да се вклучат и да ги користат бенифитите од програмите како што се Инженери на тренинг и Летна студиска програма кои нудат знаење и ги отворат преспективи за вработување.

Виктор Мизо како директор на една од најуспешните странски инвестиции кај нас, која е дел од германскиот гигант и произведува автомобилска и индустриска електроника за најпознатите автомобилски брендови, оценува дека поврзувањето   со студентите и акдемскиот кадар од УКЛО претставува продолжување и продлабочување на воспоставената соработка.

Инаку, проектот „Мојата успешна приказна„ на УКЛО според проректорот, проф. д-р Марјан Ѓуровски е во функција на промоција на студиските програми и воспоставување поинтензивна соработка со бизнис заедницата. Овие настани треба да им помогнат на студентите да го запознаат деловниот свет, да стекнат искуство уште за време на студирањето и да развиваат знаења и вештини  за развој на кариерата по дипломирањето.

 


Scroll to Top