ЕКОНОМСКИ ФАКУЛТЕТ - ПРИЛЕП

Економскиот факултет - Прилеп е високообразовна институција со долга традиција во едукацијата на кадри од областа на економијата и бизнисот. Факултетот динамично се прилагодува според потребите и барањата на пазарот на труд и перманентно врши осовременување на студиските програми. За академската  2019/2020 година Економскиот факултет-Прилеп нуди широк спектар на студиски програми од сите три циклуса на студии (додипломски, магистерски и докторски студии) од следниве области: банкарство и финансии, сметководство и ревизија, меѓународен бизнис, менаџмент, маркетинг менаџмент и  е-бизнис.

Студиските програми им обезбедуваат  на студентите стекнување на применливи знаења  високо ценети од страна на работодавачите во јавниот и во приватниот сектор  коишто  ги отвораат нивните перспективи за успешна професионална кариера во финансиски институции,  приватни компании, владини институции и други организации.

Исто така, Факултетот има воспоставено силни партнерства со високообразовни институции од странство и со  корпоративниот сектор како резултат на коишто студентите  можат да реализираат престои во партнерските институции, да следат предавања од еминетни визитинг професори, да остваруваат посети  и пракса во реномирани компании и  да  спроведуват бројни други активности предвидени со договорите за соработка.

Факултетот располага со современи просторни и технички услови за реализација на висообразовниот процес и ги исполнува високите стандарди за организирање на квалитетна настава и за реализација на бројни воннаставни активности на студентите.

ФАКУЛТЕТ ЗА БОТЕХНИЧКИ НАУКИ - БИТОЛА

Факултетот за биотехнички науки - Битола е најстара високо образовна институција во склоп на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола. Како јавна државна високообразовна и научна установа од областа на биотехничките науки, овој факултет е единствениот од ваков вид на високообразовни установи во Р. Македонија со свои карактеристични студиски програми.

Сегашното време е време на динамични промени. Примената на научните сознанија во многу сфери на човековите активности, во примарното производство на храна како и употребата на адитиви, конзерванси и антиоксиданси во прехранбената индустрија доведоа до голем проблем во загаденоста на водата, воздухот и храната.

Се проценува дека во блиска иднина производството на здрава храна ќе постане глобален проблем во развојот на цивилизацијата, а стравот на потрошувачите ширум светот е се поголем. Стручната примена на современи агротехнички мерки во примарното производство, оптимизацијата на процесите во прехранбената индустрија, како императив за производство на високо квалитетна храна, може да се обезбеди само преку активно учество на високо образовни кадри.

Основната дејност на факултетот е прилагодување кон современите барања на науката и праксата. Со корекција на наставните планови и формирање на нови студиски програми кои се во согласно со Законот за високото образование и принципите на Болоњската декларација се унапредува концептот за студирање на Факултетот за биотехнички науки.

Денес Факултетот располага со четири акредитирани студиски програми на прв циклус, четири акредитирани студиски програми на втор циклус и една акредитирана студиска програма на трет циклус студии.

Со студиските програми кои се во рамките на Факултетот за биотехнички науки, на идните студенти им овозможуваме стекнување на квалитетни знаења, вештини и искуства од областа на биотехничките науки надополнети со практична настава и квалитетна научна-истражувачка работа.

Факултетот за биотехнички науки ги нуди следниве студиски програми за прв циклус на студии:

  • КВАЛИТЕТ И БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА
  • четиригодишни студии со 240 ектс.
  • Академски назив Дипломиран инженер по квалитет и безбедност на храна
  • ТЕХНОЛОГИЈА НА АНИМАЛНИ ПРОИЗВОДИ
  • четиригодишни студии со 240 ектс.
  • Академски назив Дипломиран инженер по технологија на анимални производи
  • ЗООТЕХНИКА
  • четиригодишни студии со 240 ектс.
  • Академски назив Дипломиран земјоделски инженер по Зоотехника
  • АГРОМЕНАЏМЕНТ
  • четиригодишни студии со 240 ектс. Академски назив Дипломиран агроменаџер

 Зошто да студирате на ФБН?

  • Наука во подем
  • Современи лаборатории и практична настава
  • Самостојна и добра комуникација
  • Студентски размени и патувања
  • Работа во струката
  • Одлични услови за студирање
  • Мобилности за сите: ERASMUS
  • Наука: IPA, COST, CEEPUS, IREA

Факултетот располага со следните лаборатории:

  • Лабораторија за хемија и биохемија
  • Лабораторија за биологија и микробиологија
  • Лабораторија за млеко и млечни производи
  • Лабораторија за месо и месни производи
  • ЛАбораторија за екстракција на етерични масла и детерминација на биолошки активни материи.

ТЕХНИЧКИ ФАКУЛТЕТ - БИТОЛА

Во историјата на градот Битола, низ архивските записи и многубројната техничка и проектна документација за капиталните дела и објекти, цели 58 години од далечната 1961 год. се провлекува името на Вишата техничка школа, на почеток, а денес - препознатливиот Технички факултет - Битола.

Teхнички факултет - Битола (ТФБ), како единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски” - Битола, е модерна високообразовна установа, која успешно ја комбинира високообразовната, научно-истражувачката и апликативната дејност, следејќи ги европските и светските трендови во образованието и целокупното општествено живеење. Резултат на ваквата активност се илјадниците стручњаци кои го стекнале своето образование во рамките на оваа установа и го ставиле својот потпис на одговорни проекти, а добар дел од нив излегле од својата анонимност и достојно ја претставуваат македонската држава во европски и светски рамки.

Преку постојана промена во насока на осовременување и усовршување на студиските програми, Факултетот успева да ја доближи нашата земја до земјите кои го негуваат образованието, но и истовремено да ги воведе сите новини кои ги носи современаа наука. Teхнички факултет – Битола, со своите кадровски, просторни, технички и севкупни усови за студирање, на своите студенти им нуди современи акредитирани и атрактивни студиски програми во чекор со европскиот систем на високо образование. Факултетот има водечка позиција во рамките на Универзитетот и нуди широк спектар на студиски програми од од прв, втор и трет циклус на студии. ТФБ практично претставува своевиден технички универзитет со пет отсеци, кои покриваат одделни научноистражувачки полиња и области, во чии рамки се реализира настава на повеќе студиски програми од прв циклус на студии, и тоа:

  • Машинскиот отсек:
    • четиригодишни универзитетски студии по Машинство,
    • четиригодишни универзитетски студии по Инженерство за заштита на животна и работна средина,
    • Електротехничкиот отсек: четиригодишни универзитетски студии по Електроенергетски системи,
    • Отсекот за сообраќај и транспорт:
      • четиригодишни универзитетски студии по Сообраќајно-транспортно инженерство,
      • четиригодишни универзитетски студии по Сообраќајно-транспортни системи и технологии,
      • Отсекот за графичко инженерство:  четиригодишни универзитетски студии по Графичко инженерство и дизајн,
      • Отсекот за индустриско инженерство и менаџмент: четиригодишни универзитетски студии по Индустриско инженерство и менаџмент,

една интердисциплинарна студиска програма по Мехатроника (четиригодишни академски студии), како и студиска програма по Информатика и техничко образование (заедничка студиска програма со Педагошки факултет – Битола).

Факултетот посветува особено внимание не само на соработката со факултетите и универзитетите од државата, туку и на меѓународната соработка со странски универзитети, преку потпишување на договори за соработка во научноистражувачката дејност, но и мобилност на студентите и академскиот кадар, со цел обезбедување квалитет во студирањето препознатлив како за домашните, така и за странските компании.

ТФБ е прва станица на домашните и странските инвеститори во областите кои ги покрива со своите активности. Студиските програми кои ги нуди се интегрирани во опкружувањето и поврзани со пазарните потреби. ТФБ има традиционално воспоставена соработка со приватните фирми од стопанството, како и со јавните државни претпријатија. Студентите во текот на студирањето имаат можност за практиканство во атрактивни компании кои нудат стипендии за студентите на ТФБ уште во првата година на студии.

Студирајќи на ТФБ, добивате можност да се стекнете со широк спектар на знаења, да се стекнете со диплома призната во светски размери, можност за вработување на атрактивни позиции, како и можност за стручно усовршуање и натамошно надградување на обраованието на втор и трет циклус на студии. ТФБ, како дел од УКЛО, веќе 58 години успешно придонесува во формирањето на висококвалитетен инженерски кадар од областа на машинството, сообраќајот и транспортот, електротехниката, графичкото инженерство, мехатрониката, индустриското инженерство и менаџмент, кадар подготвен и обучен за успешно извршување на своите должности во индустриските компании, а секако добар дел од нив го продолжуваат своето образование во земјата или странство. Посебна гордост ни претставува фактот дека  нашиот факултет е расадник за развој на квалитетни кадри од областа на техничките науки. Тоа го потврдува и големиот број успешни стопанственици, истражувачи, научници, политичари, кои со своите знаења се стекнале на Техничкиот факултет во Битола.

Денес, Teхнички факултет - Битола, како единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски” - Битола, е лидер во високото образование во регионот, рамноправен партнер на голем број престижни факултети во европските и светските универзитети, притоа задржувајќи ја својата позиција како јадро на техничката мисла и наобразба.

ПЕДАГОШКИ ФАКУЛТЕТ - БИТОЛА

Образованието не е подготовка за живот, образованието е самиот живот.

(Џон Дјуи)

 

Сонот на секое дете започнува со учителот кој верува во него, го мотивира, го инспирира и го води напред.  Учителот е личност што ја буди радоста и желбата во детската душа за креативно изразување и знаење.

Педагошкиот факултет-Битола е водечка институција за образование на наставници во југо-западниот регион наРепублика Северна Македонија. Неговата улога и дејност се препознатливи по едукација на кадри за предучилишно, основно и средно образование. Визијата на Педагошкиот факултет-Битола е идните наставници да се стекнат со „знаење за акција“ и професионално да одговорат на сите предизвици на модерното време.

Во таа насока Факултетот нуди различни студиски програми, компатибилни со актуелните европски стандарди за наставнички квалификации. Наставните програми на Педагошкиот факултет-Битола се организирани според Болоњскиот систем на студирање. Матурантите можат да се запишуваат на  следниве студиски прогами:

 

  1. Воспитувач
  2. Наставник за одделенска настава
  3. Социјална и рехабилитациска педагогија
  4. Англиски јазик и книжевност
  5. Македонски јазик и книжевност
  6. Преведување од македонски на англиски јазик и обратно
  7. Информатика и техничко образование

 

За младите луѓе кои се образуваат за работа со деца мошне е важно во каков амбиент се школуваат. Педагошкиот факултет располага со одлична кадровска екипираност и просторно-техничка опременост. Наставно-научната дејност ја извршуваат 20 наставници и бројни стручни соработници од земјава и од странство. На студентите им стојат на располагање солидно опремена библиотека, читална, интернет услги, компјутерска и лингвистичка лабораторија. Голем број студенти доброволно се ангажираат во разни проектни, културно-уметнички, спортски и хуманитарни активности. Особено е важно да се спомене дека Педагошкиот факултет има склучено голем број на Еразмус + договори со различни универзитети ширум Европа. Со овие договори студентите имаат можност да добијат стипендија и да реализираат мобилност, односно да престојуваат еден или два семестри на некои од познатите европски универзитети. За наставничката професија, повеќе од било која друга професија, потребно е постојана мотивација и ентузијазам, подготвеност и посветеност. Затоа, слободно може да се каже дека учителската дејност е повеќе од професија, таа претставува мисија.

ФАКУЛТЕТ ЗА ТУРИЗАМ И УГОСТИТЕЛСТВО - ОХРИД

Следната година Факултетот за туризам и угостителство–Охрид ќе прослави јубилејни 50 години од своето основање. Тоа зборува дека овој факултет има долга традиција и низ неговиот долготраен развоен процес поминале илјадници студенти. Ваквата традиција денес е поткрепена со 35 професори доктори на науки, кои предаваат на факултетот.Со тоа традицијата за висококвалитетен образовен процес и едукација на кадар продолжува.

Факултетот за туризам и угостителство денес нуди шест студиски програми: Туризам, Хотелско–ресторански менаџмент, Гастрономија, Осигурување, Царина и шпедиција, и Менаџмент во услужен сектор. Следејќи го современиот развоен процес во високото образование ФТУ секогаш се труди да одговори на барањата и потребите на пазарот на работна сила. Тргнувајќи од ова, ФТУ ги има формирано своите наставни програми, со што најуспешно би се одговорило на современите трендови. Mенаџментот на ФТУ се труди да биде во близок контакт со слични високообразовни институции и преку размена на искуствата да ги имплементира сите новини присутни во светски рамки. Ако се видат статистичките показатели туризмот во последните десет години бележи значаен развој. Со тоа се зголемува и побарувачката на стручен кадар во оваа област. Истото може да се заклучи и за услужниот сектор. Студиските програми Осигурување, Царина и шпедицијата, како и менаџмент во услужен сектор се од областа на услужен сектор. За очекување е овој развој да продолжи и во следните години.

Друга карактеристика која го истакнува овој факултет во однос на останатите е и интензивната издавачка дејност со бројни учебници и научно – истражувачки дела, кои според бројноста и квалитетот го ставаат факултетот меѓу водечките институции во Македонија. Факултетот е посветен на квалитетот на своите студии и затоа одлучно работи на спроведување на Системот на контрола на квалитет според насоките на Европската агенција за евалуација во високото образование (ENQA).Уште повеќе факултетот во наредната учебна година ќе иницира добивање на сертификат TEDQUAL за квалитет на наставните програм по туризам на Светската туристичка организација (UNWTO). Соработката на домашно и меѓународно ниво Факултетот за туризам и угостителство – Охрид ја развива преку Универзитетот “Св. Климент Охридски” - Битола. Со тоа на идните студенти им се нудат можности за студентска размена која што ќе ги помине границите на државата. Како примери би ги споменале размените на професори со универзитетите во САД, Франција, Германија, како и размената нас туденти со Франција и Германија. Притоа треба да се спомене дека ваквата размена кај професорите  е двонасочна, односно на факултетот во минатите години престојувале и предавале професори од светски универзитети.

Професори од Факултетот за туризам предаваат во соседна Србија на Факултетот за туризам во Врњачка Бања, како и на Високата деловна школа во Лесковац. Нашиот факултет на некој начин е ментор на овие високообразовни институции за акредитација на слични студиски програми од областа на туризмот и услужниот сектор.  Треба да се истакне дека Факултетот за туризам и угостителство праксата ја смета за неразделен дел од образовниот процес. Токму затоа ФТУ има склучено договори со стопански субјекти од областите во коишто тој работи з аизведување на студентскапракса, но и за вклучување на познати експерти од стопанството во образовниот процес. Во овој контекст важно е да се напомене дека студентите на насоката гастрономија практичната настава ја спроведуваат во текот на целата учебна година во рамките на кујната на ФТУ. Инаку, според досегашното искуство дипломиранитестуденти најчесто го продолжуваа тсвоето образование на Факултетот за туризам и угостителство Охрид, но има и случаи кога тие тоа го прават на други универзитети и факултети во земјата и странство. Притоа тие немаат особени потешкотии, затоа што се бројни примерите за веќе нострифицирани дипломи во САД, Канада, Германија, Австралија. ФТУ истакнува дека при изведувањето на интервјуа за работа  студентите од оваа единица на УКЛО имаат високи резултати. Исто така наставните програми на факултетот се доста актуелни, и опфаќаат области во кои секогаш постои потреба од високообразован кадар. Воедно, вредно е да се нагласи дека Факултетот за туризам и угостителство е посветен во исполнувањето на својата мисија, а тоа е остварување на висококвалитетен образовен процес и обучување на кадри кои ќе стекнат  врвни компетенции.

ФАКУЛТЕТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ - СКОПЈЕ

Факултетот за безбедност од Скопје е формиран во далечната 1977 година, како единствен факултет од областа на безбедноста во поранешна Југославија. Сè до 1996 година, на факултетот студирале студенти од Република  Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина.

Дипломираните студенти биле и сè уште се столбот на безбедносниот систем во државата во која работат. Во нашата држава голем број високи полициски функционери, поранешни министри за внатрешни работи, директори во полицијата, началници, но и најголем дел од оперативните старешини дипломирале токму на Факултетот за безбедност.

Не е мал бројот на дипломирани студенти кои своето работно место го нашле и во Министерството за надворешни работи, во дипломатијата, во Агенцијата за разузнавање, кои оставиле силен белег во функционирањето на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, во развојот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а дел од дипломираните кадри денес работат како полициски и воени пилоти. Исто така, сопственици, раководители, вработени во агенциите за приватно обезбедување и од други компании од приватниот сектор студиите во рамки на трите циклуси ги завршиле на Факултетот за безбедност.

На факултетот предавале и предаваат еминентни професори по криминалистика, полициски науки, право, безбедност и други релевантни области, доминантно во рамките на општествените науки. Во наставата на Факултетот се вклучени многубројни стручњаци од практиката, но и професори по покана од земјата и странство.

Бројни влијателни дипломати со свои видувања за актуелните безбедносни случувања се дел од наставните и воннаставните активности на Факултетот.

Во наставата и учењето на Факултетот за безбедност-Скопје, посебно внимание се посветува на воведувањето на стандарди за квалитетот на студиските програми, на изборот и селекцијата на академскиот кадар, на начинот за доследно оценување на студентите и вреднување на нивните активности во рамки на наставата и факултативните активности, на информирање на студентите, на потребите за обезбедување на наставните материјално-технички ресурси и на развојот на меѓународната соработка.

Факултетот за безбедност е препознатлив и по Меѓународната научна конференција која традиционално се одржува секој јуни во Охрид, како и по други конференции, стручни и научни собири. Значајни се и истражувањата што се спроведуваат, а кои се однесуваат на суштински активности и воведување иновативни пристапи во работењето на безбедносните институции, но и предлозите кои помагаат во подобрување на односите помеѓу институците и заедницата. Нашите професори, преку барањата на безбедносните институции, се сè повеќе препознатливи во јавноста и имаат значајна улога во креирањето на законските, организациските и други видови решенија.

Факултетот е  препознатлив и по издавачката дејност. Најголем дел од основната и дополнителната литература за прв циклус студии е авторство на наставниците на факултетот. Секој студент на почетокот на семестарот, по исклучително прифатливи цени, добива пакет на книги за предметите кои се изучуваат во семестарот.

Факултетот спроведува настава на сите циклуси студии. Така на првиот циклус студии присутни се студиските програми по Криминалистика, Безбедност, Кринимологија и криминална политика и Безбедност и евроатлантски интеграции.

На вториот циклус студии, застапени се студиските програми по Криминалистика, Кризен менаџмент, Безбедности и финнсиска контрола, Форензички науки и Безбедност. Кај последната, покрај стандардните 120 кредити, има можност студентите да се запишат на акадесмките и на специјалистичките студии по Безбедност кои носат 60 кредити.

Факултетот има потпишано бројни меморандуми за соработка со домашни и странски институции и организации. Покрај поголемата видливост на активностите на факултетот тоа е добра можност за интензивирање на соработката со инстутициите од практиката, преку обезбедување на примена на научните резултати, и етаблирање  на факултетот во рамки на општеството и меќународната научна и стручна безбедносна заедница.

Согласно Конкурсот за запишување студенти во студиската 2019/20 година на Факултетот за безбедност има 400 слободни места за запишување на следните студиски програми:

а) Криминалистика – 180 студенти.

б) Безбедност – 90 студенти.

в) Криминологија и криминална политика – 90 студенти.

г) Безбедност и евроатлански интеграции – 40 студенти.

Студиските програми на студентите им нудат можност да ги проучуваат прашањата на безбедноста од различни аспекти и да се стекнат со знаења и вештини кои можат да ги користат во развојот на нивната кариера во полицијата и другите безбедносни институции во државата.

Користејќи современа домашна и светска литература, студентите имаат единствена можност да ги проучуваат приликите во безбедноста, полициските науки, правото, криминалистиката, криминологијата и активно да учествуваат во процесот на совладување на знаењата. Покрај националниот контекст на безбедноста, во рамките на студиите се изучуваат европските институции одоговорни за спроведување на законите, безбедноста и одбраната. Тоа особено се однесува на Евроската агенција и нејзините агенции, тела и инструменти, НАТО, ОБСЕ, Советот на Европа и другите релевантни организации.

Потпишаните договори со бројни министерства и други државни институции, ја отвораат можноста студентите да се запознаат со начинот на работа и функционирањето на повеќе од нив преку реализација на практичната работа во нив. Па така, во летниот период, сите студенти во градовите од кои потекнуваат или таму каде што ќе изразат подготвеност, реализираат практична работа во подрачните единици на Министерството за внатрешни работи и во други партнерски институции од јавниот и приватниот сектор. Тоа се однесува на Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Царинската управа, повеќе дирекции и агенции во системот на националната безбедност, но и странски владини организации со седиште во Скопје, како МАРРИ Регионалниот Центар, Меѓународната организација за миграции и слично. Практична работа студентите остваруваат и во Агенциите за приватно обезбедување.

Дополнително, обуката за логорување која се спроведува секоја година во близина на с. Лазарополе (Општина Маврово-Ростуша) со човечка и логиситичка поддршка од посебните единици на полицијата, предизвикува особен интерес кај студентите и дава белег на студирањето од аспект на дружење, стекнување со полициски вештини за ракување со (AIRSOFT) оружје, движење по терен и престојување во природа.

ПРАВЕН ФАКУЛТЕТ - КИЧЕВО

Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола има мисија за достигнување на супериорноста во правното образование, со приоритетна обврска - ориентацијата на своите студенти кон иднината. Ние Ви нудиме можност – вие треба да ја препознаете и да ја искористите најдобро што можете.

Правото бара доживотно учење, вклучувајќи постојано образование, компјутерски вештини, комуникациски стратегии, етика, правосуден испит. Нашата четиригодишна студиска програма по правни студии студентите ги профилира во согласност со концептот на модерно академско образование за непосредно поврзување на теоријата и практиката. Со голема поддршка од тимот на квалитетни професори и соработници крајниот производ е неизбежен, а тоа се студенти со стекнати знаења и вештини за работење во сферата на правосудството, адвокатурата и нотаријатот, извршната и законодавната власт, за работење во политичките институции, за работење во претпријатијата и компаниите, како и во многу други национални, регионални и меѓународни асоцијации и организации итн.

Во текот на студиите, нашите студенти се вклучени во процесот на клиничка настава преку Правната клиника, додека активно помагаат и при реализацијата на меѓународните научни конференции во организација на Правниот факултет. Исто така, во текот на студиите, нашите студенти своите реторички способности и правно размислување ги развиваат преку клубот “Titus Flavius Orestes” и постојаното учество на меѓународни, регионални и национални moot court натпревари за процеси пред Европскиот суд за човекови права.

Трудољубивите имаат и можност на Правниот факултет да го заокружат процесот на образование, продолжувајќи на некоја од квалитетните студиски програми со кои располагаат вториот и третиот циклус на студии.

Би ја издвоиле програмата по Казнено право и криминологија на втор циклус преку која студентите се запознаваат со предизвиците во локален, меѓународен и глобален контекст, сублимирајќи ги теоретските знаења и практични вештини во сфаќањето и реакцијата на споменатите предизвици. Преку програмата студентите би развиле напредно, интегрирано и современо сфаќање за клучната улога на Криминологијата во истражувањето на криминалното однесување и местото на Кривичното право во процесот на создавањето на општествените норми.

Програмата од трет циклус – Меѓународно право и меѓународна политика е интердисциплинарна програма која на докторантите им овозможува да ги прошират своите теоретски, методолошки и емпириски знаења и академски способности во сферата на меѓународното право и меѓународната политика. Докторските студии овозможуваат анализа, истражување и дискусии за модерните предизвици на меѓународната заедница, меѓународната заедница, миграциите, тероризмот, човековите права, дискриминацијата.

Правниот факултет во своето десетгодишно постоење докажа дека е достоен избор за секој иден студент и  дека има капацитет за изградба на квалитетни правници кои ќе можат на себе да го понесат товарот во изградбата на општествен систем во кој владеењето на правото ќе биде основниот столб.

На нашата држава им се неопходно потребни токму такви кадри, затоа вашиот избор нека биде Правниот факултет, УКЛО - Битола.

Ве очекуваме!

ТЕХНОЛОШКО-ТЕХНИЧКИ ФАКУЛТЕТ - ВЕЛЕС

Технолошко-техничкиот факултет е високообразовна научна установа во состав на вториот најстар државен универзитет во земјава - Универзитетот "Св. Климент Охридски", Битола. Факултетот започна со работа во 2008 година со седиште во Велес и дисперзирани студии во Кичево, со студиската програма "Прехранбена технологија и биотехнологија". Во 2010 година за прв пат во Македонија, на нашиот факултет воведена е студиската програма "Нутриционизам", која поради атрактивноста и актуелноста пробудува голем интерес кај студентите, па поради тоа покрај постоечките, факултетот отвара и дисперзирани студии во Битола. Воведувањето на програмата Нутриционизам, ја пополнува празнината за ваква програма во високообразовниот систем во нашата држава. Во 2012 година воведени се две студиски програми за втор циклус студии "Квалитет и безбедност на храна" и "Нутриционизам" (едногодишни и двегодишни студии) кои се атрактивни и привлечни за студентите. За континуиран процес на образование во 2016 година Технолошко-техничкиот факултет ја комплетира академската понуда со трет циклус академски студии, односно со студиската програма "Иновативни технологии за храна и нутриционизам".

Факултетот преку реализација на наставата на студиските програми на трите циклуси академски студии се вклучува во специфичната хетерогена понуда во образовниот систем во едуцирање на кадри, компатибилни со актуелните барања на општеството и побараувањата на пазарот на трудот.

Студиските програми на трите циклуси академски студии овозможуваат стекнување на знаења, вештини и искуства од областа на нутриционизмот и прехранбената технологија и биотехнологија, надополнети со практична настава и научноистражувачка работа.

Технолошко-техничкиот факултет профилира кадри за производство на здрава храна врз основа на нутритивните потреби на луѓето, превенција на хроничните болести со елиминирање на нутритивните ризик фактори, градење на општествената свест за улогата на храната во унапредување на здравјето на населението и кадри кои директно ќе учествуваат во процесите за преработка на храна, развој на нови технологии и прехранбени производи.

Во новата академска 2019/20 година Технолошко-техничкиот факултет на идните студенти на прв циклус академски студии им нуди две актуелни и атрактивни студиски програми Нутриционизам и Прехранбена технологија и биотехнологија во Велес и студиската програма Нутриционизам на дисперзираните студии во Битола. Студиските програма по Нутриционизам и Прехранбена технологија и биотехнологија се четиригодишни програми со 240 кредити.

Судиската програма НУТРИЦИОНИЗАМ овозможува стекнување на знаења од науката за храната и исхраната, нутриентите и нутритивните вредности на храната, влијанието на храната врз растот, развојот и одржувањето на здравјето, исхраната за посебни категории на луѓе (бремени жени, деца, адолесценти, спортисти, стари луѓе...), како и знаења за изготвување и спроведување на програми за превенција и сузбивање на болести поврзани со храната и исхраната. По завршувањето на студиската програма  Нутриционизам студентите се стекнуваат со звање - Дипломиран инженер технолог -  насока Нутриционизам.

Студиската програма ПРЕХРАНБЕНА ТЕХНОЛОГИЈА И БИОТЕХНОЛОГИЈА овозможува стекнување на инженерски знаења потребни за водење на процесите при преработка на храната, подобрување на постоечките процеси во согласност со системот за безбедност и квалитет на храната, креирање на нови технологии и производство на нови видови храна со функционални карактеристики. По завршувањето на студиската програма "Прехранбена технологија и биотехнологија" студентот се стекнува со звањето -Дипломиран инженер технолог - насока прехранбена технологија и биотехнологија.

Дипломираните студенти во зависност од студиската програма имаат можност стекнатите знаења и практично искуство да ги имплементираат со вработувањe во прехранбената индустрија, лабораториите за контрола на безбедност и квалитет на храната, научно истражувачките лабаратории, во истражувачки и производствени оддели од биотехнолошката, хемиската и фармаколошката индустрија, институциите од јавниот сектор (градинки, училишта, здравствени установи), инспекциски служби за контрола на безбедност и квалитет на храната, Агенција за храна и ветеринарство и други соодветни институции. За истакнување е дека дел од дипломираните студенти на ТТФ се вработени  во реномирани компании од прехранбениот сектор како: "Витаминка", "Виталиа", "Биокосмос", "Пекабеско", а дел од нив кои започнаа со самостојна работа со консултански услуги од областа на нутриционизмот се успешни и препознаени на пазарот.

За реализирање на наставниот процес факултетот располага со предавални, лабаратории за вежби, кабинет за информатика, просторија за далечинска настава, библиотека и други помошни простории.

Технолошко-техничкиот факултет соработува со голем број стопански субјекти каде се реализира практичната настава на студентите, предвидена со студиските програми.

Технолошко-техничкиот факултет (ТТФ) континуирано ги користи можностите што ги нудат програмите кои ја поттикнуваат мобилноста на студентите и на наставните кадри и кои промовираат меѓународна соработка помеѓу различни организации вклучени во високото образование во Европа, како што се  ERASMUS+ и CEEPUS програмите. Па така, само во рамките на ERASMUS+ програмата, од академската 2015/2016 и заклучно со академската 2018/2019 реализирани се 14 дојдовни ERASMUS+ мобилности на студенти и наставен кадар од партнерските институции на ТТФ, како и 20 мобилности на студенти и наставен кадар од ТТФ на партнерските универзитети со кои факултетот има договори за билатерална соработка во рамките на програмата (Хрватска, Полска, Бугарија, Турција, Словенија, Романија).

Факултет е партнер во две CEEPUS мрежи, што претставува дополнителна можност за студентите и наставниот кадар да остварат соработка и престој на партнерските инстутуции вклучени во CEEPUS мрежата, за наставни или истражувачки цели во областите од интерес - наука за храна,  нутриционизам и процесирање на храна.

Технолошко-техничкиот факултет успешно учествуваше и даде значаен придонес во реализација на проектот Joint TEMPUS_158 714 "Improving academia – industry links in food safety and quality (FOODLINKS)", кој овозможи продлабочување и зацврстување на врската на Факултетот со стопанските субјекти во земјава и воспоставување на стручна и едукативна соработка со партнерските институции од странство.

Во периодот 2017-2019 Технолошко-технички факултет е партнер во апликативен проект, финансиран од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички - Interreg Balkan-Mediterranean: Stimulating citizens participation to recycle processes through the implementation of benefits systems (Benefit As You Safe –BAS).

Во 2015 година, Технолошко техничкиот факултет го организираше првиот Меѓународен симпозиум по нутриционизам во Македонија на кој зедоа учество голем број експерти, како и наставен кадар и студенти од повеќе факултети од нашата земја и странство.

Технолошко-технички факултет во континуитет ја подржува активноста на студентите. Имено, тие учествуваат при спроведувањето на Првата национална студија за исхрана на деца во Македонија во согласност со ЕУ мени методологијата поддржана од Европската агенција за безбедност на храна (EFSA) преку проектот: „Поддршка на национални истражувања во исхраната во сообразност со методологијата на ЕУ Мени (шеста поддршка) – "Истражувања кај деца". Исто така, со цел промовирање на правилни прехранбени навики Технолошко-техничкиот факултет во соработка со локалната заедница во Велес се вклучи во реализација на проектот "Здрави навики - здрав живот".

Студентите од Технолошко-технички факултет се вклучени и во спортските, културните и други воннаставни активности. За истакнување е дека спортските екипи од Технолошко-техничкиот факултет веќе подолг период се на врвот на Универзитетската лига во футсал, освојувајќи го повеќе пати првото место.

На крај, на идните студенти им препорачуваме да го направат вистинскиот избор, да се запишат и да студираат на Технолошко-техничкиот факултет на актуелните студиски програми, со кои ќе се стекнат со знаење, вештини и искуства кои ќе им овозможат добра перспектива и иднина во професионалниот и личниот развој.

ВИСОКА МЕДИЦИНСКА ШКОЛА - БИТОЛА

Високата медицинска школа Битола како единица на Универзитетот “Св. Климент Охридски” - Битола, со своето триесетгодишно постоење ја остварува својата дејност  преку креација и реализација на наставно-образовниот процес, научно-истражувачката работа, апликативната дејност и други форми на активности.Наставата во рамките на Високата медицинска школа се реализира низ процес на теоретски предавања и практична настава преку стручни студии на прв и втор циклус.

Основна цел на студиските програми е да се одговори на потребите на општеството за кадри од областа на здравствената заштита. Овие кадри треба да поседуваат знаења и вештини, кои ги прават компетентни за одделни специфичности на здравствената заштита. Програмите ги интегрираат теоријата и практичното искуство и се реализирани на начин, кој овозможува стекнатите знаења и искуства да овозможат соочување со променливите потреби на здравството како во сопствената земја, така и во било која средина во која професионално ќе дејствуваат.

Денес, во повеќе  европски  земји се прават силни напори во правец на усогласување на системите на нивното високо образование, кои се евидентни низ серија на декларации, во кои се набележува потребата за развој на компатибилно високо образование, што ќе овозможи лесно читливи и препознатливи дипломи, висока мобилност на студентите и наставниот кадар, поголема ефикасност и ефективност на студиите, како и конкурентност на европскиот пазар натрудот.

Високата медицинска школа во академската 2019/2020 на идните студенти им нуди шест студиски програми од прв циклус студии, кои се тригодишни и обезбедуваат 180 кредити:

            - Општа медицинска сестра

            - Медицинско-лабораториски аналитичар

            - Акушерка

            -Физиотерапевт

            - Радиолошки технолог

            -Санитарен инженер

Студиската програма за општа медицинска сестра и акушерка на Високата медицинска школа се усогласени со единствениот европски простор за високо образование според ДИРЕКТИВА 2005/36/ЕЗ НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ И НА СОВЕТОТ од 07 септември 2005 година за професионалните квалификации и промените според DIRECTIVE 2013/55/EU OF THE EUROPEAN PARLIAMENT AND OF THE COUNCIL of 20 November 2013 за обука на медицински сестри со општ профил и акушерки.

На втор циклус едногодишни специјалистички студии се акредитирани сл. студиски програми: Специјализација за интензивна нега, специјализација за ментално здравје, специјализација за семејна и патронажна грижа, специјализација за геронтологија и палијативна грижа, специјализација за биохемиски анализи, специјализација за компјутеризирана томографија и магнетна резонанца, специјализација за рехабилитација во неврологија и специјализација за рехабилитација во ортопедија и травматологија.

Студентите и наставниот кадар на Високата Медицинска школа имаат можност да остваруваат мобилности на странски Универзитети преку програмата ЕРАЗМУС+, како и врз основа на билатерални договори. ВМШ во 2012 година е примена како членка на Европската сестринска мрежа, единствена од нашата држава.

ФАКУЛТЕТ ЗА ИНФОРМАТИЧКИ И КОМУНИКАЦИСКИ ТЕХНОЛОГИИ – БИТОЛА

Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола (ФИКТ) во учебната 2019/2020 започнува со низа револуционерни новини. Наставата ќе се одвива во нова современа зграда, една од најмодерните во државата. Новата зграда доаѓа и со нова опрема. Обезбедена е нова современа компјутерска лабораторија. Но не се само техничките услови новина. Факултетот од оваа школска година започнува со нови наставни планови и на четиригодишните студии по Информатички науки и комуникациско инженерство и на тригодишните студии по Информатика и компјутерска техника. Новите наставни програми се модерни, концизни и дизајнирани согласно потребите на локалната ИТ индустрија, но и светските трендови на ИТ образование. Тие се наставни програми од т.н. хоризонтален тип, кои не ги специјализираат студентите во тесно подрачје, тука даваат солидни основи во различни сегменти на информатичките технологии - програмирање, дизајнирање, информациски системи, интернет технологии, интернет на нештата, вештачка интелигенција, компјутерски мрежи, безбедност на ИТ системи, компјутерски хардвер итн. Со тоа овозможуваат широк спектар на знаења и можности за вработување и доусовршување

Во текот на студирањето студентите можат доброволно да се вклучат во менторскта програма на факултетот, во која работат на реални проекти менторирани од ИТ фирмите во регионот и професорите на ФИКТ. Најголемиот број на студенти кој успешно ќе ја завршат менторската програма остануваат и да работат во фирмите кои ги менторирале. Од оваа година со средства на Европската Унија на ФИКТ започнува да се гради ИТ Хаб/Акцелератор кој ќе овозможи поголема интеракција на студентите со ИТ индустријата во текот на студирањето, но и поттикнување на студентите да реализираат свои иновативни идеи и започнуваат свои бизниси. Овој концепт ќе биде новина не само на државно туку у на регионално ниво. 

Нашите студенти немаат проблем со вработувањето, платите во ИТ секторот се убедливо највисоки, вратите се отворени и во цел свет (нашите студии се меѓународно признати), а Битола дефинитивно стана втор најзначаен ИТ центар во Македонија -дефинитивно заради две децениската традиција на квалитетно високо ИТ образовние.


Scroll to Top